Ниските буџетски остварувања, слабата наплата на даночните приходи ја натераа Oпштина Богданци да започне кампања за наплата на даноците, со мотото: „Јас можам, јас плаќам данок на имот“.
„Поводот за почетокот на една ваква кампања е да се даде важност на секој оддел од општинската администрација, за стекнување поголема доверба од граѓаните, со цел да им дадеме акцент за важноста од нивното правилно функционирање во корист на граѓаните. Започнавме од даночното одделение поради големиот дел заостанати неисплатени даноци“, изјави градоначалничката на општина Богданци Анастасија Олумчева. Таа најави дека сите прибрани средства во буџетот на Општината ќе бидат наменски и конкретно употребени.
Целта на кампањата е да се подигне јавната свест за намената на даночните средства што влегуваат во општинскиот буџет, а со кои се остваруваат годишните планови на Општината од сферата на комуналиите, урбанизмот, заштита на животната средина, образованието, спортот.
Реконструкцијата на домот на културата „Бранд Петрушев“, реновирањето, асфалтирање и изградба на нови улици, ефикасен и континуиран развој на сите институции што се грижат за образованието, безбедноста на животната средина, спортот, културата, се само дел од ангажманите што ги посочува Општината како свои приоритети во кампањата за наплата на данокот на имот.
Инаку, токму данокот на имот е најмалата приходна ставка минатата година според завршната сметка на Општината за 2012 година. Од планираните 2,6 милиони денари, наплатата од граѓаните изнесувала само 637.602 денари, што е потфрлување на буџетските очекувања за цели 90, 2 отсто. Ова е алармантна ставка за односот на граѓаните кон даночните обврски, но и показател за неквалитетното менаџирање со приходите на општината од страна на локалната власт.
Богданчани пак велат: „Зошто да плаќам данок, кога со години ништо не е изградено во Богданци. Улиците се со дупки, водоснабдувањето проблематично во текот на летото, со денови знаеме да бидеме без струја поради дефекти на системот. Нека направат нешто, па да знаеме за што плаќаме данок“, додаваат огорчените жители на Богданци.
Од локалната самоуправа велат дека преземените обврски на општината од минатите години се обврска што не смее да се занемари, за да продолжи финансискиот континуитет и опслужувањето на обврските што ги има локалната самоуправа.
Сликата од минатогодишните остварувања е само показател на неквалитетно менаџирање, кое новиот состав сака да го надмине во соработка со своите граѓани.
Само за пример, слабите буџетски остварувања од даноци и комунални такси минатата година го намалиле и остварувањето на капиталните вложувања во општината од планираните 5 милиони денари на само 2.013.280 денари.
Слаба, или речиси никаква, активност на терен покажале и локалните претприемачи, кои пројавиле слаб интерес за наплатата на такса за дозволи за вршење дејност , од кои се остварени 1.536 денари вкупни годишни приходи наспроти планираниот прилив од 200.000 денари.
Поради ваквата дискрепанција во планираното и оствареното, Општина Богданци направила и буџетски минус од 32,1 милион денари од почетната планирана актива за 2012 година.