Оркестарот на Филхармонија вечерва со почеток во 19 часот ќе одржи концерт насловен „Музиката и градот“ на кој праизведба ќе доживее електроакустичната симфониска поема „Скопје“ од македонската композиторка Ана Пандевска.
На програмата се и „Фантазија за обоа и оркестар на фолк тема“ од Васил Атанасов В’чев, кој ќе настапи и како солист на обоа, Адаџето од Малер и „Роденденот на една инфантка“ од Шрекер. Диригент е Тимоти Редмонд од Велика Британија.
Ана Пандевска (1985) е македонска композиторка која пишува музика инспириран од фолклорот, џезот, амбиенталната музика, за во последно време нејзиниот интерес е насочен кон е електро-акустичниот израз. Симфониската поема „Скопје“ е фузија од различни музички влијанија, истражувања и естетски вкусови сублимирано во едно дело. Инспирацијата за делото е градот Скопје, градот во кој самата композиторка е родена и живее и, во него, како што вели се обидува на урбан начин да ги пренесе своите емоции и најзначајните скопски знаменитости преку наративните семплови на електронската трака.
Густав Малер ја пишувал Петтата симфонија во периодот од 1901 и 1902 година во својата нова куќа во централна Австрија. Делото премиерно се извело во Келн во 1904 година и доживеало тотален неуспех. Критиката пишувала дека симфонија е „предолга, дека е напишана за огромен оркестар и дека музиката е преполна со драма и звучно насилство“. На тогашната публика и се допаднал само четвртиот став „Адаџето“ напишан само за харфа и оркестар, кој претставува своевиден „остров на спокојство во турбулентното море“.
„Роденденот на една инфантка“ е танц пантомима на австрискиот композитор Франц Шрекер (1878-1934). Го напишал во 1908 година како нарачка ипретставува клучно дело на сецесионизмот и премер на т.н. „тотално дело“. Изведбата на ова дело имала одличен одзив кај критиката и публиката, а со него Шрекер си обезбедил клучно место на виенската музичка сцена. Музиката е инспирирана од истоимената новела на Оскар Вајлд.
Проф.м-р Васил Атанасов, музички уметник-обоист и припаѓа на онаа одбрана плејада репродуктивни уметници во македонската култура, која својата силна уметничка дејност на концертната сцена, со моќниот говор насвоjот инструмент ја гради денешната музичка култура и традиција кај нас. Неговата истрајност на патот на уметноста, на патот кон креативната интерпретација се граничи со строг фанатизам на еден силен и енергичендух на карактерен човек и длабоко вљубен уметник во звукот на својот инструмент, кој за него живот значи-обоата.