Шпанскиот мотоциклист и шесткратен светски првак во Мото ГП, Марк Маркез, денеска се врати на патеката по пауза од осум месеци поради повреда.
Шпанецот извозе неколку кругови на патеката во Каталонија, откако во петокот доби дозвола за враќање од лекарите.
Маркез се повреди на првата трка од минатогодишната сезона, кога за време на Големата награда на Шпанија ја скрши десната рака по што му беше вградена титаниумска плочка во надлактицата и дополнително беше подложен на уште три операции, од кои последната му беше извршена во декември.
Екипата на „Хонда“ соопшти дека Маркез се наоѓа на списокот возачи за првата трка од новата сезона што ќе се вози на 28 март во Катар.
-Доколку тоа не биде возможно, ќе се обидам да бидам подготвен за втората трка во Катар, на 4 април. Доколку ниту тоа не биде возможно, ќе се обидам да се појавам на трката во Португалија на 18 април, најави денеска Маркез.