„Добродојдовте на традиционален фестивал на солзавецот“, и „Ние сме искапени веќе три дена, прашајте ги водените топови“, се дел од сатирични графити што може да се прочитаа на згради во Истанбул и Анкара каде протести имаше и синоќа.
Весникот Хуриет дејли њуз објави фотографии од графити од улици во двата турски града. „Погледнете што ни се случи заради 3-4 дрва“, „Забранија алкохол и народот се отрезни“, „Исјанбул“ (наместо Истанбул – од „исјан“ – во превод: Бунт). „Не се секирај мамо, не сум во првите редови, сите сме заедно“, „Не знам што да напишам, ама анархија, нешто така“ и „No recep, no cry“ се дел од графитите на демонстрантите на згради во реони на протестите.
Everyday I’m capulling или во превод Секој ден чапулирам – нов глагол создаден од демонстрантите, чиј корен е во турскиот збор – „чапул“ – крадење, грабеж. Зборот стана многу популарен откако Ердоган ги нарече демонстрантите capulcu (чапулџу) – крадци, уништувачи.
Зборот се објаснува и како „слободен дух“, кој сака да се ослободи од притисокот на авторитаризмот (Urban dictionary). Зборот веќе фигурира на Википедија каде пишува дека chapulling е нелогизам, кој прозилегол од демонстрациите во Турција во 2013 година.