Пред споменикот „Македонија“, подигнат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски, родната Струмица ја одбележа 17-годишнината од неговата смрт.
Членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани со положување цвеќе и поклонување пред неговиот споменик ја искажаа својата почит.
Венец пред споменикот положи и владина делегација предводена од министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и Роберт Алаѓозовски Национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка.
За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
-За жал, поводот за овој наш собир е одбележувањето на денот на неговото прерано заминување. Тоа го правиме секоја година на денешен ден, за да покажеме и докажеме дека големите луѓе никогаш не умираат, дека тие живеат вечно во спомените на оние кои ги почитуваат вистинските вредности. Денес се поклонуваме пред ликот и делото на вториот македонски претседател, нашиот сограѓанин Борис Трајковски, одбележувајќи 17 години од неговата прерана и трагична смрт, рече градоначалникот Јаневски.
Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ од Струмица традиционално засади дрвце до споменикот.