Турската полиција навлезе во реонот на плоштадот Таксим во Истанбул каде веќе две недели се одржуваат демонстрации против плановите за реконструкција на околниот парк Гези.
Неколку стотици полицајци од силите за брза реакција беа доведени на плоштадот со дваесет автобуси. Во реонот се чувствуваат тензии.
Градоначалникот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу, меѓутоа, изјави дека целта на операцијата е да се симнат плакатите од културниот центар Ататурк и од споменикот на Ататурк на плоштадот.
Претходно, турски телевизии објавија дека полицајците опремени со заштитни панцири се подготвуваат да ги растурат барикадите на демонстрантите кои кампуваат во реонот.
Полицајците преку мегафони уверуваат дека немаат намера да извршуваат интервенција.
– Акциите на полицијата не се насочени кон паркот Гези и Таксим, изјави градоначалникот на Истанбул додавајќи дека од утрово полицајците почнуваат да ја расчистуваат зградата на културниот центар и на споменикот од фотогарфии и плакати.
Демонстрантите зазеле позиции до барикадите и се подготвуваат за можна интервенција на полицијата.