Три години нема одговорност за смртта на Калина и Александар: Жално е што не се стегнаа работите

Од:

По три години од трагичната несреќа на Кајмакчалан, каде што загинаа Калина Велевска и Александар Миновски, истрагата не утврди одговорност кај никого. Основното обвинителството лани во мај реши да ја отфрли кривичната пријава, а по пет месеци, мораше одново да постапува бидејќи ваква одлука донесе Вишото обвинителство. Марјан Велевски, татко на Калина, за „А1он“ вели дека и натаму верува во правосудните органи, кои треба да ја истераат истрагата до крај. Велевски не прејудицира дека некому ќе му биде изречена казна, но очекува разрешница на случајот, која би требало да биде опомена за другите кои се занимаваат со планинарање. Обвинителството без детали за тоа како напредува истрагата.

„Надлежниот обвинител во моментов презема дополнителни дејствија, согласно насоките добиени од Вишото обвинителство“, објаснуваат од Обвинителството.

Без да сака да ја коментира работата на обвинителот, таткото на Калина вели дека жално е што целата работа остана така, без ништо да се дознае и по три години. Впечатокот е дека се одолговлекува процесот за заборавот да го прикрие сето тоа и никој да нема никакви последици, вели Велевски. Според него, срамота е што се дозволи да се случи трагедијата и што не се извлекоа никакви поуки од сето тоа.

„Ми се чини дека првата година се донесе некаква одлука да не се организираат зимски тури, но тоа траеше само додека имаше медиумска покриеност на настанот. Сега гледате, се прават тури, секој ден се објавува на социјалните мрежи. Не би сакал тоа да се повтори, токму поради тоа сакавме да се покрене случајот, за да се воведе некаков ред. Меѓутоа, кај нас така се одвиваат сите работи, стихијата да ги носи и да се молиме на Господ да не му се случи истово и на некој друг. Жално е што не се стегнаа работите, да се внимава на здравјето на тие деца, бидејќи не се сите искусни планинари, со обуки. Се пуштаат да одат во планина, кој како стигне. Во светот се случува и искусни алпинисти да страдаат, но тоа е нешто друго, тоа е веќе борба со границите на возможното. Зборуваме за спортскиот, рекреативниот дел на планинарењето, за луѓето кои секој ден рекреираат по нашите планини. Тешко е да се зборува за овој проблем“, вели Велевски за „А1он“.

Тој вели дека пред три години на Кајмакчалан се случувал голем хаос, надевајќи се дека случајот ќе се затвори како што треба.

„За жал, турата воопшто не требаше да се одржи поради екстремно лошото време, но наспроти укажувањето на директорот на скијачкиот центар на Кајмакчалан, планинарите тргнаа кон врвот. Во такви крајно непогодни услови, се случи тоа што се случи, можеби еден ден навистина ќе дознаеме како точно настрадаа нашите деца. Но мора да кажам дека потрагата по нив беше со милион пропусти, несоодветна, задоцнета и резултираше со трагедија. Јас и покрај сè верувам во нашето правосудство, дека ќе собере сили да го истера ова до крај. Колку од сето тоа ќе извлечат поуки, колку сето тоа ќе биде опомена за некои други, останува да се види. За жал, не верувам дека дури и со нечија казна, за која не можам да бидам сигурен дека ќе се изрече, но и дури да се изрече, пак ќе речам, не верувам дека некој ќе извлече поуки од тоа и ќе сопре. Ние сме чуден карактер, сакаме да одиме против ветрот, против струјата. Демек, ништо не ми може реката, планината. Со природата нема игра, нема шега, инаетење. Се надевам дека случајот ќе се затвори како што треба, и дека ќе се извлечат поуки, но мали се шансите, бидејќи знаеме каков карактер сме“.

Калина Велевска и Александар Миновски загинаа при искачување на планината Кајмакчалан во 2018 година. Во еден момент тие се одвоиле од групата и им се губи трагата. Временските услови во тој момент било многу лоши со густа магла и силен ветер.

Тие учествуваа во планинарска тура организирана од планинарското друштво „Трансферзалец“.

Би можело да ве интересира

Дирекцијата за заштита и спасување била мобилизирана еден час пред планинарите да бидат пронајдени мртви

Наум Локоски

Обвинителството ќе ги истражува причините за загинувањето на планинарите на Кајмакчалан

Ана Ололовска

СВЕДОШТВО: Последна слика пред очи ми е како Калина се упатува кон врвот на Кајмакчалан

Наум Локоски

Грчките спасувачи се обиделе да го спасат Александар на Кајмакчалан, но се откачил ременот

Наум Локоски

Суспендиран водичот кој ја водеше групата планинари кога загинаа Калина и Александар

Ана Ололовска

ВИДЕО: Грчките служби објавија снимка од извлекувањето на телата на загинатите македонски планинари

Наум Локоски