Државното обвинителство за борба против стопанскиот криминал и корупција на Австрија денеска изврши претрес во станот на министерот за финансии Гернот Блимел.
Блимел денеска имал закажано состанок во обвинителството, каде очекувал да му биде објаснето како се нашол на листата осомничени во аферата околу „Казино“ Австрија, а наместо тоа добил налог за претрес на неговиот стан.
По добиениот налог, министерот ги донел истражните органи до својот приватен стан и го одобрил претресот.
Тој им објаснил на медиумите дека станува збор за истрага во врска со потенцијални донации за Народната партија на Австрија (ОВП) од компанијата за игри на среќа Новоматик.
Блимел е шеф на ОВП во Виена и објасни дека партијата нема добиено никакви донации од Новоматик, додавајќи дека за својот статус како осомничен дознал од медиумите.
Австрискиот министер им ги ставил на располагање на истражните органи сите потребни документи и електронски уреди.
– Во секое време сум подготвен да придонесам за брзо расветлување на случајот и да ги докажам лажните обвинувања, нагласи Блимел.