Ирска, која претседава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), ги повика властите на Босна и Херцеговина да спроведат демократски реформи кои се од клучно значење за приближување на земјата кон ЕУ.
Во соопштението на ОБСЕ се наведува дека ирската министерка за европски прашања Лусинда Крејтон при денешната посета на Сараево ја поддржала европската интергација на БиХ.
„Ирска како претседавач на ОБСЕ и иден претседавач со ЕУ е во позиција да ја поддржи својата агенда во процесот на европската интеграција“, изјави Крејтон.
Таа изрази подготевност Ирска да и помогне на БиХ во спроведувањето на неопходните реформи за приближување кон ЕУ.
„Подготвени сме да помогнеме. ОБСЕ и ЕУ во заедничка работа со останатите институции и членови на меѓународната заедница имаат искуство и институционални капацитети за поддршка на БиХ во областите како владеење на правото, реформи на судството, образованието и борбата против дискриминацијата. Сепак, земјата мора да покаже дека сака да најде решение за своите проблеми“, изјави Крејтон.
Крејтон за време на одвоените средби со претседавачот на Претседателството на БиХ Бакир Изетбеговиќ, министерот за надворешни работи Златко Лагумџија и министерот за финансии Никола Шпириќ разговараше за значењето на мисијата на ОБСЕ во БиХ и неопходната борба со сите форми на дискриминација во земјата.