Коби Брајант загина во хеликоптерска несреќа со неговата ќерка Џиана и уште седум патници пред една година. Неговата смрт сè уште ги боли фановите на кошарката и обожавателите на легендарната „Црна мамба“.
Трагедијата се случи во Калабасас, Калифорнија. Точните причини за падот во моментов не се познати, бидејќи во хеликоптерот немало „црни кутии“.
Првите денови по трагедијата беа најпотресни, луѓето ги интересираше секој нов детал поврзан со несреќата, како и што ќе се случи понатаму и каде ќе биде погребан Коби, за да можат да му оддадат почит на него.
Неговата сопруга Ванеса се согласи збогувањето да се одржи со Стејплс центарот на 24 февруари 2020 година, што исто така беше симбол за датумот поради броевите што ги носеа Коби и неговата ќерка – 24 и 2.
Сепак, погребот беше приватен, на приватни гробишта во Корона дел Мар, во близина на градот Њупорт Бич во Калифорнија, кој има поглед кон океанот.
Правилата на овие гробишта се такви што ако семејството не сака да ја открие локацијата, тоа останува строга тајна, а сопругата на Коби, Ванеса, реши да ги задржи информациите, кои нема да ги знае никој, освен најблиските на Брајан, кои присуствуваа на последната церемонија на збогување.
Неколку дена по погребот, британски Дејли Меил објави слики од гробот за кој тие тврдат дека им припаѓа на Брајант и Џиџи. Еден од аргументите дека овој необележан гроб е нивни, е цвеќето во комбинација на виолетова и жолта боја, во боите на Лејкерс.
После тоа, многу луѓе започнаа масовно да доаѓаат на тој гроб, да се фотографираат и да му оддаваат почит на Брајант, па имаше дури и тежок инцидент, бидејќи еден човек беше уапсен затоа што ископа дупка на тоа место и го осквернави гробот.
Сепак, се покажа дека тоа воопшто не е гробот на Коби Брајант и неговата ќерка, а тоа го потврди и работник на гробиштата, Ешли Бантон.
Единствената достапна информација за гробот на Коби Брајант е дека парцелата се наоѓа на самиот врв на гробиштата, од каде има поглед кон океанот и плажата Њупорт, каде што живеат Ванеса и нивните три ќерки.
Во 2020 година, Брајан беше примен во Кошаркарската куќа на славните во НБА.
Коби играше за Лејкерси од 1996 до 2016 година, пет пати стана НБА шампион, двапати ја освои титулата најкорисен (МВП) играч во финалната плејоф серија и беше прогласен за МВП во регуларниот дел од сезоната.