Турскиот весник „Заман“ денеска пишува за провокатори кои сакале во крв да ги натопат протестните активности во Турција.
Во истанбулскиот кварт Бејоглу биле фатени шестмина странски државјани со дипломатски пасоши, кои демонстрантите ги подбуцнувале на насилство. Има сомнение дека овие лица, кои се државјани на Велика Британија, САД, Франција и Грција, се странски агенти.
Четворица од нив се оставени во притвор. Од местото каде тие биле приведени, се земени материјали и гасни бомби, што се претпоставува дека требало да бидат активирани во погоден момент во демонстрациите, пишува уште „Заман“.
Во Измир се уапсени тројца младинци, кои направиле осум звучни бомби. Се смета дека тие требало да бидат активирани за време на демонстрациите на плоштадот.
Вкупно 15 странци се приведени во протестите во цела Турција, информира „Заман“.
На деветиот ден од протестите за одбрана на паркот Гези во Истанбул, на централниот плоштад Таксим надвладеа здравиот разум, пишува весникот „Акшам“. Демонстрантите делеа гевреци по повод празникот Мирач Кандил (според исламските верувања во оваа ноќ пророкот Мохамед се искачил до Алах), повикувајќи да не се употребува алкохол и да се зачува здравиот разум.
На влезот на паркот Гези е отворен „Револуционерен пазар“, од кој тие што имаат потреба бесплатно можат да земат што ќе посакаат. Артиклите се обезбедени од доброволци. Во паркот е формирана и библиотека, а бројот на книгите брзо нараснува, ја опишува уште ситуацијата весникот „Акшам“.
Група демонстранти, пак, се вклучија во фудбалскиот натпревар на импровизиран терен на плоштадот со топка од хартија и лепенка, а на екипата и го дадоа името „Мејдан спор“ (Плоштад спорт).
„Прво гевреци, потоа солзавец“. На овој начин весникот „Хуриет“ ја виде ситуацијата во престолничкиот плоштад Казалај. Во Анкара демонстрантите на полицајците им делеа гевреци со сусам по повод Мирач Кандил, а овие , пак, со нив ја поделија својата храна.
Овој позитивен дух, меѓутоа, бил прекинат од интервенција на силите за брза реакција, кои употребиле водени топови и солзавец против демонстрантите, дополнува весникот.
Весникот „Радикал“ пишува дека демонстрантите ги информирале властите и општеството за своите барања: Прво, да добијат официјално ветување дека во паркот Гези нема да се гради никаква зграда.
Второ, тие, исто така, инистираат да се прекине процедурата за изградба на Културен центар „Ататурк“, а наредбодавците на насилното задушување на протестите, што доведоа до смртта на две лица и ранувањето на илјадници луѓе, да бидат отстранети од должноста.
Демонтрантите, исто така, сакаат да се забрани употребата на солзавец, да се ослободат сите граѓани кои се приведени заради своето учество во протестите и против нив да не се преземе истрага, и да се стави крај на забраните за користење на турските плоштади, а меѓу нив и на истанбулскиот Таксим и анкарскиот Казалај, за јавни собири, демонстрации и протести.