Неодамна уапсениот наркобос Насер Кељменди не е во екстрадициски притвор во Приштина туку во обичен притвор, поради што може да се заклучи дека Приштина нема да го испорача во Босна и Херцеговина, тврди неименуван извор од Министерството за правда во БиХ.
– Да планираа да го испорачаат Кељменди ќе беше во екстрадициски притвор, меѓутоа тие тоа не го направија, туку покренаа кривична постапка за дела за кои го сомничат дека ги направил во БиХ и врз таа основа му одредија притвор, наведе изворот.
Од Минитерството за правда на БиХ соопштија дека се уште немаат добиено одговор од косовските власти за барањето за екстрадиција на Кељменди.
Притворот за Кељменди истекува на 9 јуни, а тој е уапсен на почетокот од мај во Приштина, на барање на полицијата на БиХ, под сомнение за организиран криминал, трговија со дрога, убиство на сараевскиот мафијаш Рамиз Делалиќ Челе и други тешки кривични дела.