Од 28 декември до 3 јануари во државава пријавени се 24 заболени од грип, се наведува во извештајот што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.
Од заболените 15 се од Дебар, пет од Кичево, двајца од Струмица и по еден од Куманово и од Прилеп.
Во однос на возрасната дистрибуција, 11 лица се на возраст од 15 до 64 години, а највисока инциденца (4,3/100.000) се регистрира кај најмладите, децата на возраст до четири години.
Во сезоната 2020/2021 вкупниот број заболени од грип изнесува 379, што е за 54,2 отсто помалку споредено со истиот период минатата сезона кога имаше 828 заболени и 70,1 отсто помалку во однос на типичната сезонска крива (n=1.266).
За сезоната 2020/2021, Министерството за здравство набави бесплатна четиривалентна вакцина во вкупна количина од 40.000 дози, наменета за приоритетните групи население.
Според податоците од Управата за електронско здравство, од почетокот на вакцинацијата, а заклучно со затворањето на овој извештај, вакцинирани се вкупно 28.075 лица од ризичните категории население со бесплатни вакцини. Заклучно со 3 јануари вакцинирани се вкупно 37.221 лица со бесплатна вакцина.
Дополнителни дози вакцина се набавени од страна на центрите за јавно здравје, како вакцини за останатото население кое не спаѓа во горенаведените групи и тие можат да се добијат за одреден финансиски надомест како комерцијални вакцини. Во однос на комерцијалните вакцини, согласно достапните податоци од извештаите на центрите за јавно здравје, вакцинирани се 8.993 лица, од кои 139 во периодот од 28 декември до 3 јануари.
Заклучно со 3 јануари во државава вакцина против грип примиле 46.124 лица.