Турскиот претседател Абдула Ѓул и премиерот Реџеп Таип Ердоган апелираа денеска да се воспостави мир по четиридневните судири на полицијата со антивалдините демонстранти. Ердоган нагласи дека тие протести не се „турска пролет“.
Тој ги повика граѓаните да не дозволат да бидат испровоцирани од демонстрациите кои како што претходно истакна, ги организирале „екстремистички елементи“.
– Тоа се организирани случувања со врски и во Турција и во странство…Главната опозициска партија провоцира недолжни граѓани. Тие кои ги нарекуваат овие случувања турска пролет, не ја познаваат Турција“, изјави Ердоган на прес конференција.
Тој ја обвини опозицијата дека ги „провоцира своите сограѓани“.
Ѓул истакна дека мирните протести се дел од демократијата и дека „пораките упатени со добри намери се примени“. Тој истакна дека на илегални групи не треба да им се дозволи да се мешаат и дека не треба да се наруши угледот на Турција.