Бурни ветрови соборија дрва и електрични столбови, оставајќи без струја големи региони во североисточните држави на САД, отежнат беше воздушниот сообраќај над Њујорк, а торнадо мина преку Јужна Каролина, само неколку дена откако торнада предизвикаа смрт на 19 лица и сериозни штети во Оклахома, Мисури и Илиноис, соопштија американските медиуми.
Поројни дождови, грмотевици, бурни ветришта и град без електрична енергија оставија над 30.000 домаќинства во Вермонт, Њу Хемпшир и Мејн.
Националната метеоролошка служба упати предупредување за опасност од торнадо со приближувањето на бурите со грмотевици во Њу Хемшир и западен Мејн. Според соопштението на службата, радарот прочитал услови за формирање на торнадо меѓу Кингфилд и Бингам во државата Мејн. Засега нема потврда за торнадото, посочуваат американските медиуми.
-Во северозападиот дел на Јужна Каролина торнадо разурна една куќа и собори дрва, но за среќа нема податоци за настрадани лица, соопшти Тејлор Џонс, директор на службата за вонредни ситуации во округот Андерсон.
Од Вермонт се соопштува за бури со грмотевици и ветрови до 100 километри на час и град со големина од три сантиметри.
Лошото време во Њујорк доведе до забавување на летовите до три часа на главните аеродроми „Џон Ф. Кенеди“, „Ла Гвардија“, како и на аеродромот „Њујарк Либерти“ во Њу Џерси.
Во Бостон се регистрирани забавувања на летовите до 45 минути, а на аердромот „Далес“ крај Вашингтон авионите полетуваа со задоцнувања од два часа.
На југ од земјата, заради поројните дождови синоптичарите предупредуваат за опасност од поплави во некои региони.