Турскиот премиер Реџерп Таип Ердоган денеска изјави дека протестите поради сечењето на дрвата во истанбулскиот парк Гези не се еколошки туку имаат идеолошки карактер.
– Во период кога Турција постигнува успеси во сите области, ние сме сведоци на непосакувани провокации. Гледаме како се обидуваат да предизвикаат хаос, каков што се користеше во минатото за да се собори Владата. Гледаме дека опозицијата и другите сили прибегнуваат кон провокации од безизлез, бидејќи знаат дека ќе изгубат на избори, посочи Ердоган.
Тој додаде дека е планирано да се реконструираат касарни од Османлиската империја во паркот Гези, но и да се сочува зеленилото, додека се уште нема конечна одлука за изградба на трговскиот центар.
Мирните граѓански демонстрации во Истанбул почнаа пред неколку денови, а прераснаа во антивладини и се проширија во другите градови.
Во Истанбул засега е мирно, вклучително и во квартот Бешикташ, каде синоќа имаше судири меѓу демонстрантите и полицијата.
Поради немирите вчера во Истанбул приведени се 200 луѓе, а во Анкара 140. Во другите турски градови бројот на приведени варира од 20 до 90 луѓе.
Поголемиот број од нив се испитани и веднаш ослободени. Групи млади луѓе во Анкара и денеска прекусоцијалните мрежи повикуваат на протести.