Поради случувањата во Турција и големиот број повредени луѓе загриженост изрази и Стејт департментот, додека „Амнести интернешенел“ и Европскиот парламент изразија загриженост поради прекумертната употреба на сила против демонстрантите истакнувајќи дека тоа само поттикнува ширење на протестите.
Претставничката на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Дуња Мијатовиќ изрази загриженост поради начинот на кој полицијата се однесувала кон медиумите кои известуваат за демонстрациите во Истанбул.
Протестите почнаа синоќа поради одлуката за реконструкција на паркот Гези на плоштадот Таксим, каде е предвидено да се гради трговски центар и да се реконструираат воени касарни од времето на Османлиската империја. Демонстрациите за заштита на паркот прераснаа во антивладини протести и се проширија и низ другите турски градови.