Јавното обвинителство на Јапонија го испраша поранешниот премиер Шинзо Абе во врска со обвинувањата дека неговата политичка партија незаконски платила дел од трошоците за вечера за приврзаници.
Обвинителството, кое вчера го испрашуваше Абе на доброволна основа, планира да покрене обвинение против неговиот секретар за наводно неводење евиденција за фискални сметки за вечери, како што налага законот.
Вкупните трошоци, кои не биле објавени во политичките извештаи, веројатно надминуваат 40 милиони јени (387.000 долари), наведува обвинителството.
Луѓе блиски до Абе изјавија дека секретарот дал нејасно објаснување кога поранешниот премиер го испрашувал за трошоците, па Абе дури неодамна дознал за постоењето на шема со која се покрива само дел од трошоците.
Новинската агенција Кјодо додава дека „дури и ако Абе не биде обвинет, неговото политичко влијание може да ослабне, бидејќи неговата приказна во Парламентот на оваа тема не се совпаѓала со фактите“.