Турската полиција користеше синоќа солзавец и водени топови против групи демонстранти кои се обидоа да дојдат до плоштадот Таксим во Истанбул во вториот ден од антивладините протести заради план да се исечат дрва во парк во најголемиот град во Турција.
Демонстрациите излегоа од контрола откако полицијата се обиде да разбие мирен протест на луѓе кои седеа во парк на плоштадот Таксим. Во судирот на полицијата и демонстрантите повредени се повеќе десетици луѓе, а судирите почнаа откако група млади луѓе се обидоа да дојдат на плоштадот Таксим и притоа фрлаа камења врз полицијата.
Учесниците на протестите силно негодуваа поради острите реакции на полицијата осудувајќи на Владата за „аторитарни тенденции“, јавуваат западни медиуми.
Во немирите приведени се 81 демонстрант, а демонстрациите денеска се проширија и во други градови и прераснаа во антивладини протести иако Судот одлучи проектот привремено да се прекине.
Во знак на солидарност, околу 5.000 луѓе во Анкара се собраа во центарот извикувајќи слогани против Владата и повикувајќи го премиерот Ердоган да поднесе оставка. Полицијата употреби солзавец за да спречи група која се упати кон парламентот.
Помали протести се одржани во десетина други градови низ Турција. Демонстрантите бараа да се прекинат плановите на простор во паркот Гези на плоштадот Таксим да се изгради трговски центар, но Ердоган наведе дека Владата ќе ги спроведе плановите „без разлика на акциите на демонстрантите“.