Египетска туристка се наоѓа во критична состојба, откако добила удар во глава со солзавец употребен од полицијата за време на денешните антивладини протести во Истанбул.
Туристката имала сериозно крварење откако претрпела удар во главата, по што е оперирана, соопштија медицински извори.
Вкупно 12 лица, вклучително и пратеник од редовите на курдската Партија за мир и демократија (БДП) и фотограф добиле повреди, а стотици други демонстранти се пожалиле на респираторни проблеми по употребата на солзавец за време на протестите на плоштадот Таксим во Истанбул.
Турската полиција денеска употреби солзавец и водени топови за растерување на неколку стотици демонстранти и да ги прекине четиридневните протести против големиот градежен проект на главниот плоштад Таксим во Истанбул.
Градежните работи на Таксим почнаа минатиот ноември со цел зоната околу познатиот плоштад да се претвори во пешачка. Таксим е традиционално место на одржување собири и протести, како и популарна туристичка дестинација.
Протестите беа организирани со цел да се спречи сечење на дрвата во паркот Гези на Таксим, каде е предвидена изградба на голем трговски центар.
Според критичарите, проектот има за цел плоштадот да го претвори во уште една безживотна бетонска трговска зона за „правење профит“.