Меѓународен фестивал на филмски сценарија „Скрипт фест 2013“ почна денеска во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
На отворањето на дводневниот фестивал, професорот Стефан Сидовски од Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА Скопје-Париз-Њујорк рече дека фестивалот, кој се одржува вторпат, во иднина ќе стане традиција.
– Ако ни стане традиција се надевам дека ќе ги поттикне сите млади кои се запишуваат на академиите и студираат за филм преку овој фестивал на некој начин да се информираат и едуцираат и воедно да се замислат над вештината на пишувањето сценарио, кое е основа на филмот. Се надевам дека овој фестивал ќе направи придонес во Македонија во нашата кинематографија да има добри сценаристи, а со тоа и добри филмови, додаде Сидовски.
Доцент Христо Петрески рече дека станува збор за единствена од овој вид и оргинална манифестација во Македонија, која веќе ги надминува границите и за неа има заинтересираност дури во Австралија и во останатите земји каде има наши иселеници.
– Специјалното признание годинава му го доделивме на Горан Михиќ од Белград, едно многу познато сценаристичко име. Останатите добитници на наградите кои годинава „Скрипт фест“ ги додели се Мими Ѓоргоска Илиевска, директор на Кинотеката на Македонија за нејзиниот осведочен филмски придонес, Гена Теодосиевска од МТВ, активна на планот на краткометражниот и документарниот филм и Горан Тренчовски, директор на „Астер фест“ и режисер и автор на сценарија.
Она што треба да се каже за овој фестивал, посочи Петрески, е што ние ставаме посебен акцент врз сценариото затоа што сметаме дека тоа е главниот, базичниот белег на филмот.
– Ќе се обидеме преку работилници да ги едуцираме најмладите, учениците од основните и средните училишта бидејќи сметаме дека на тој начин веќе во наредните години ќе имаме што повеќе реализирани снимени филмови, додаде Петрески.