Добитниците на конкурсот на Националната галерија за зрел уметник и конкурсот за млад уметник 2020, Роберт Јанкулоски, Дарко Комненовиќ и Викторија Попоска ќе ги постават и реализираат своите проекти во објектот „Мала станица“. Публиката ќе може да ги погледне од 10 декември 2020 до 10 јануари 2021 година.
Националната галерија на 26 август годинава го објави добитникот на конкурсот за зрел уметник – Роберт Јанкулоски и добитниците на конкурсот за млад уметник – Викторија Попоска и Дарко Комненовиќ.
Изложбата „Нови пејзажи – архив на реалноста“ на Роберт Јанкулоски е победничкиот проект на конкурсот за зрел уметник кој оваа година премиерно го објави Националната галерија. Роберт Јанкуловски е роден во 1969 година и зад себе има импресивна уметничка кариера.
– Сите негови фотографии се директен израз на личното искуство, а со тоа и документ за време и простор. Делата се аналитичко толкување на работите што се случуваат околу него. Фотографиите на кои сме сведоци не ги следат научените училишни правила, што е добар состав, како да се обликуваат … многу пати го негираат стекнатото знаење … тие се квалитетни и сугестивни, но специфични, секоја има свој личен идентитет. Неговите дела се физичка, опиплива визуелна врска со одреден момент во историјата, а исто така е и фотографско место за откривање на реалното. Тој е целосно свесен за симултаните настани во околината и со своето размислување е во состојба да го пренесе тоа во клучен момент во видливиот израз на медиумите што ги смета за неопходни, односно фотографиите или амбиентот или интервенциите на јавниот простор …, се вели во соопштението.
Неговиот предлог за изложба на „Малата станица“ се однесува на соочување со моментот на свесност, живеење во историско време, време означено од Ковид. Секој уметник во исто време, како што се наведува, е хроничар на времето во кое живее и многу пати е можно да се реконструира историско време преку уметнички дела. Неговото истражување за Србија, Грција и Македонија преку природата е поврзано со традицијата на теми од пејзажот и во исто време со традицијата на грдото и автентичното во современата уметност. Куратор на проектот е виш кустос Ана Франговска.
„Сеништа“ е насловот на изложбата на Викторија Попоска, која е млад уметник, родена во 1992 година во Струга. Дипломирала на отсекот за применето сликарство со конзервација и реставрација на ФЛУ каде ја добила наградата „Борко Лазески“ за најинвентивен сликар во 2015 година, по што следи реализирање на нејзината прва самостојна изложба под наслов „Запознавање“ во Музеј на Град Скопје во 2016 година. Истата година ќе учествува на „Paratissima“ каде ја добива специјалната награда „Ponte di pietra“ по што следи нејзино учество на „Paratissima-to the stars“ во Торино, Италија. Во Струга, својот роден град, во 2017 година свое самостојно претставување ќе има во галеријата „Коџоман“, а понатаму следат учества на повеќе групни изложби, перформанси, колонии.
Како што соопшти Националната галерија, изложбата „Сеништа“ претставува дел од еден цел проект кој се однесува на се поактуелната светска стратегија за зачувувањето на планетата Земја. Попоска како уметница, а воедно и активистка, своето живеење го насочува сé повеќе кон наједноставниот начин, со враќање кон природата, отфрлувајќи ги актуелните, современи, „trendy“ производи по чија употреба останува огромно количество на неразградлива амбалажа.
– Согласно нејзината животна филозофија, таа и своето творештво го насочува кон подигнување на свеста, користејќи го отпадот. Создавањето на делата на Попоска претставува своевиден процес со свој почеток и крај. Градењето на скулптурите, објектите за неа претставуваат вистински ритуал, започнувајќи со собирање, селектирање, миење на отпадот, потоа негово вообличување во дело и на крајот (по завршувањето на изложбата) дислоцирање во депонија, се вели во соопштението од Националната галерија. Куратор на проектот е Александра Зиновски Вилиќ.
Дарко Комненовиќ е визуелен уметник кој работи во контекст на пост-скулпторско дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани односи на просторот, перцепција, комуникација и когнитивно мапирање на визуелните ефекти.
-Предложениот проект „ Капсид i²0 “ е одличен пример за тековниот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната пандемија на Ковид-19. Уметникот луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединци и односи меѓу поединци и колективи, поединци и институции и институции и институции. Уметникот предложил сложени човечки, политички, комуникациски и, со тоа, когнитивни процеси, ефекти и ситуации кои се испровоцирани човечката состојба во кризни пандемски моменти. Уметникот ги посочи односите меѓу два важни модалитети на ова дело: ликот на склопување на традиционални и модерни материјали / медиуми и ликот на временската капсула. Предвидената поврзаност на дигиталниот и конкретното материјално со формите на човечкиот живот отвора простор за тестирање на нашата сопствена индивидуална и колективна модерност. Проектот го заслужи вниманието со својата актуелност, хибриден материјал, медиумска сложеност и суштински егзистенцијален ангажман, се вели во образложението на Комисијата во врска со проектот на Комненовиќ. Куратор на проектот е Горанчо Ѓорѓиевски.
Почитувањето на протоколите за заштита на јавното здравје остануваат задолжителни.