Република Словенија е исклучително важен партнер на нашата земја, обезбеди значајна поддршка за апроксимација на македонското законодавство кон европското во областа на земјоделството и руралниот развој, како и за јакнење на административниот капацитет на МЗШВ, Платежната агенција, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и локалните власти, рече министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на денешната средба со словенечкиот амбасадор, Милан Предан.
– На средбата со амбасадорот дискутиравме за приоритетните области за поддршка што ќе бидат дел од новиот Акциски план 2021 – 2024 година, во чии рамки Словенија ќе обезбеди билатерална помош на македонското земјоделство со посебен акцент на руралниот развој, област во која има големо искуство и знаење. Диверзификација на руралните активности, агротуризмот, поддршката за младите земјоделци, програмирањето мерки во Програмата за рурален развој, спорведувањето на ИПАРД мерките, поддршката на локалните акциски групи и ЛИДЕР пристапот се само дел од активностите за кои се разговараше на средбата, истакна министерот.
Како што се наведува во соопштението од неговиот Кабинет, Република Северна Македонија останува приоритетна земја за Словенија за билатерална развојна помош, а ова е особено важно од аспект на пртстојното претседавање на Словенија со Советот на ЕУ во втората половина на 2021 година.