Шефот на дипломатијата на ЕУ, Жосеп Борел, утре ќе ја посети Босна и Херцеговина, по повод одбележувањето на 25-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, соопшти Европската комисија.
ЕК наведува дека оваа посета има за цел да ја охрабри БиХ да се занимава со клучните приоритети утврдени од Европската комисија, а со цел да се постигне порешителен напредок на патот кон интеграцијата во ЕУ.
Предвидено е Борел во БиХ да се сретне со политички лидери, вклучително и членови на тричленото претседателство, членови на колегиумот на Парламентарното собрание на БиХ и претставници на Советот на министри, но и со претставници на граѓанското општество.
„Високиот претставник, исто така, ќе одржи говор по повод годишнината од Дејтонскиот мировен договор и вредностите на мирот, помирувањето и соживотот како темели на демократијата и мирниот соживот“, се вели во соопштението на Комисијата.