Конкурсот за Националната програма за проекти од областа на културата заврши пред неколку дена, а една од клучните препораки на конкурсот е апликантите да се подготват, да работат и да аплицираат за состојба во ковид-услови. Што значи, така да ги подготвуваат проектите за реализација, изјави денеска од Штип, министерката за култура Ирена Стефоска.
Таа денеска присуствуваше на одбележувањето на 70 години Завод за заштита на споменици и Музеј на град Штип.
Прашана дали е скратен буџетот за култура за 2021 година, Стефковска со одговор дека успеале да го задржат на годинашново ниво
– Буџетот за следната година е горе-долу со исти бројки како и минатата година. Значи, успеавме и покрај тешката економската ситуација да имаме приближно ист буџет. Скратени се средствата, бидејќи се скратени во сите области во земјата и се насочуваа во здравството. Ние мора да преживееме за потоа да можеме да работиме. Тоа преживување, животот не може и не смее да застане, така што културата мора да функционира. Во моментов пресметуваме колку од обврските од оваа година, ќе ги пренесеме во 2021 година. Тоа може да го намали буџетот за следната година. Но, во секој случај така е проектиран да не застане културата, вели Стефоска.
Во однос на проектите за Штип, Стефоска вели дека националните установи конкурирале со програми.
– Оваа година рокот беше 1 август. Свесна сум за проблемите со коишто се соочуваме во заштитата, така што, конкурсот заврши пред некој ден, во тек е работата. Во месец јануари ќе бидат објавени резултатите. Јас сум во постојана комуникација со директорите на установите од културата, така што, сум прилично добро запознаена. Работиме на принцип на приоритети. Јас знам дека во Штип тие работи вам ви се приоритет, но имајќи ја предвид ковид-состојбата, буџетот, наследните проблеми правиме стратегија, да се изразам малку народски, таму најмногу кај што боли, па едно по едно сите заедно мораме да работиме на ревитализација на нашето културно наследство, рече Стефоска.
Таа посочи и дека во време на пандемија културните институции работеа согласно здравствените протоколи, а по 15 години се направи нивелација на платите на вработените во културата.