Европската служба за борба против измами (ОЛАФ) добила минатата година најмногу сигнали за можни злоупотреби со средства од ЕУ од „приватни извори“ од Бугарија. Тоа се истакнува во годишниот извештај за дејноста на службата, претставен денеска.
Генералниот директор на ОЛАФ, Џовани Кеслер истакна дека се јавува проблем кога бројот на сигналите од дадена држава е распределен нерамномерно меѓу„приватни“ и „јавни“ извори, јави БТА.
За Бугарија податоците покажуваат дека „приватните“ (од лица и анонимно) сигнали биле 46, додека властите пријавиле само четири случаи.
Слична тенденција се забележува и во Италија, Романија, Велика Британија, Словачка, Белгија, Чешка, Полска и Унгарија.
Половината од добиените сигнали биле поврзани со можни нерегуларности околу структурните и земјоделските фондови. Голем дел од дадените податоци ја засегнале дејноста на службеници во институциите на ЕУ.
Најмал бил бројот на сигналите, поврзани со фалсификувани стоки. Нема ниту еден сигнал од јавна институција од Франција, Летонија, Луксембург, Малта и Словенија.
По еден сигнал од јавни институции бил примен од Кипар, Финска, Естонија, Австрија, Литванија и Унгарија.