Со филмот „Деца“ на БХ режисерката Аида Бегиќ, синоќа во Сараево започна 18-тиот СФФ. Босанската филмска, но и музичка елитa, синоќа прошета по црвениот тепих, на отварањето на 18-тиот по ред Сараевски филмски фестивал (СФФ). Меѓу нив и македонската режисерка Теона Стругар Митевска, која во натпреварувачкиот дел учествува со филмот “Жената која ги избриша солзите“, во кој главната улога ја игра шпанската глумица Викторија Абрил.
Отварањето на овој сe позначаен филмски фестивал, наликуваше на атмосфера од холивудските случувања. Ја надополни и глумицата Анџелина Џоли, која попладнево, со своите три деца и овој пат без Брет Пит, пристигна во Сараево. Ќе го отвори сараевскиот кампус за таленти, ќе присуствува на филмските проекции и ќе го прими признанието “Почесен граѓанин на Сараево“, кој градот и го доделува по снимањето на нејзиниот режисерски првенец “Во земјата на крвта и медот“.
Присутни се и регионални, но и светски филмски имиња, спортисти, но и политичари. Камерите и фоторепоретрите го забележаа и градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, фудбалерот Един Џеко, музичарот Дино Мерлин. Присутни се над 700 многубројни новинари и фоторепортери.
На најголемата регионална филмска смотра, ќе бидат прикажани 210 играни, кратки и документарни филмови, од 57 држави од светот, а во рамките на неколку фестивалски програми.
Атмосферата во градот, неочекувано жива. Улиците се преполни со луѓе, кафулињата работат со полна пареа, а многубројните туристи уживаат во фестивалскиот момент. А најпознатите, ноќта ја поминаа во хотелот Европа, во центарот на Сараево, каде се забавуваа со огномет, бурек и вино.
Сараево, Емица Нијами Налбантиќ