Претставници на Македонскиот сојуз – заедница на иселеници во Шведска, попладнево имаа средба со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во Амбасадата на Република Македонија во Стокхолм.
Министерката им се заблагодари за нивните активности со кои ја промовираат Македонија и за нивните идни проекти кои ќе бидат поддржани од Министерството за култура.
– Разговаравме за издавачката дејност и за превод на македонски автори на шведски јазик и обратно. Ги информирав за сите инвестиции и активности што ги реализираме. Посебно ми е драго што во втората половина на годинава во Шведска ќе имаме и изложба на оригинали на стари словенски ракописи. Разговаравме за простор, соодветна институција или музеј каде тие соодветно ќе бидат изложени. Разговаравме и за одбележувањето 40 години од постоењето на црковната заедница во Шведска, што ќе биде реализирано со поддршка на Министерството за култура, рече Канческа-Милевска.
Македонскиот сојуз е со седиште во Гетеборг, градот во кој заедно со Малме има најмногу иселеници од Македонија.
Претседателот на Сојузот Јован Божиновски рече дека во Шведска ги има околу 16 илјади.
– Македонскиот сојуз како највисоко тело во организираниот живот на македонската заедница во Шведска ги пренесе нашите досегашни активности, успесите, но и некои прашања кои во иднина треба да се подигнат на повисоко ниво. Благодариме што министерката не сослуша и што ќе се заземе да се подобрат резултатите во сферата што е во надлежност на Министерството за култура. Благодарни сме му и на Кралството Шведска што ни овозможи да постоиме како заедница, рече Божиновски.
Тој им се заблагодари и на организации кои го финансираат опстојувањето на Сојузот. Меѓу нив е и институцијата за образование и култура АБФ (Работнички образовен сојуз), чиј претставник Реза Талеби, кој е и генерален секретар на Македонскиот сојуз, присуствуваше на денешната средба.
Милан Стојчевски, претседател на црковната општина „Св. Кирил И Методиј“ во Гетеборг, ги покани сите Македонци од дијаспората на 26 октомври да им се придружат во одбележувањето четири децении од нивното постоење.
Министерката Канческа-Милевска денеска престојува во Стокхолм, каде што ансамблот Танец вечер ќе одржи концерт по повод 20 години дипломатски односи меѓу Македонија и Шведска.