Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека е задоволен од идејата за „мал шенген“, оценувајќи дека тоа е исклучителна иницијатива која може да придонесе Балканот да биде подобро место за живеење.
Вучиќ во Нови Сад, каде почна реализацијата на оваа идеја, изјави дека поврзувањето преку „малиот Шенген“ е економски и политички важно за опстанокот на сите мали држави и нации на Балканот.
-Не можеме да избегаме од Балканот, некои би сакале, но јас ги немам тие амбиции и затоа ова треба да биде подобро место за живеење. Мора да се поврзуваме и да работиме заедно, изјави Вучиќ на прес-конференција на прашањето дали идејата за „мал шенген“ е утеха за оние кои нема да влезат во ЕУ и какви се нејзините изгледи, имајќи предвид дека е станата составен дел од Вашингтонскиот договор.
Тој е убеден дека, кога ќе започне изградбата и реновирањето на пругата Белград-Загреб, ќе може да се каже дека нашите народи живеат подобро и дека имаме изградено поголема доверба.
-Јас сум исклучително горд, бидејќи на крајот, дури и оние кои не беа најсреќни поради оваа иницијатива, затоа што не беа во управувачкото седло, мораа да прифатат дека тоа е добра иницијатива затоа што се работи за четири слободи кои припаѓаат на основните европски слободи, а тоа се слободен проток на луѓе, добра, капитал и услуги,изјави Вучиќ.
Тој додаде дека е многу задоволен и дека очекува веќе следната недела или до крајот на месецот одржување на виртуелна конференција и дека ќе се види преку екран.
Тој исто така спомена дека идејата не е само негова, туку и на премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев.