Азербејџанскиот претседател Илхам Алиев му се заблагодари за поддршката на турскиот колега Реџеп Таип Ердоган, во момент кога судирите меѓу азербејџанските и ерменските сили околу Нагорно Карабах влегуваат во четвртиот ден.
Алиев истакна дека Пакистан, Авганистан и Турција му дадоа поддршка на Азербејџан, но нагласи дека на неговата земја не ѝ е потребна надворешна помош.
Ердоган во понеделникот нагласи дека Азербејџан мора да ги преземе работите во свои раце и порача дека Турција ќе го поддржи Баку со „сите свои ресурси“.
Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу претходно денеска изјави дека Азербејџан е способен сам да ја ослободи својата територија, но Турција ќе биде со него доколку побара поддршка и помош. Тој не ја ислучи ниту можноста за воена интервенција во кавкаската област Нагорно Карабах.
Спорната област Нагорно Карабах е територија која според меѓународното право му припаѓа на Азербејџан, но е населена со мнозинско ерменско население, кое со децении се стреми кон отцепување.