Едукативни работилници за специјалисти радиолози и радиотехничари, со цел обезбедување напреден тренинг за најдобри практики во врска со испитувања и рана детекција на рак на дојка беа спроведеи во изминатите две недели во рамки на проектот Health info, кој е дел од ИНТЕРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка со Грција.
– Едукативните работилници опфаќаат повеќе аспекти на дијагностиката, меѓу кои: значењето на техничкиот квалитет на мамографијата, улогата на ултразвукот во скринингот, протоколот за скрининг, техниките на снимање за рано откривање на рак на дојка, како и значењето на раната дијагноза како најважен фактор во успешното лекување на ова заболување, информираа денеска од Министерството за здравство.
Учесниците на работилниците се доктори специјалисти по радиологија и радиoлошки техничари од Клиничката болница Битола и Општата болница со проширена дејност Гевгелија, а едукатори се квалификувани и искусни доктори специјалисти по радиологија и радиолошки технолози од Градската општа болница „8 Септември“ и Универзитетскиот институт за радиологија. Покрај теоретски дел, работилниците се состојат и од практична работа во наведените институции.
Во рамки на проектот се набавени нов дигитален мамограф и ехо апарат во вкупна вредност од 140.000 евра, наменети за Клиничката болница Битола и Општата болница со проширена дејност Гевгелија, со кои веќе се спроведува пилот проект за скрининг на канцер на дојка (мамографија и ехо на дојка), како и скрининг на канцер на грло на матка (гинеколошки преглед, ехо и ПАП тест). На овој начин, укажува Министерството за здравство, се добива можност за интегрирање на информациските системи меѓу овие болници и неколку здравствени институции во Грција, а воедно се унапредува комуникацијата со здравствените институции во Грција.
Европската Унија обезбедува 85 проценти од финансиите за проектот, а 15 проценти се национално учество.
Целта на проектот е подобрување на системот на здравствена заштита во пограничните региони на двете земји (битолскиот и гевгелискиот регион), преку воспоставување иновативен модел – унифициран електронски систем за размена на информации помеѓу двете земји.
– Фокусот е да се опфати потешко достапната популација, како што се жени на возраст од 35-60 години во помалите рурални општини во пограничниот регион со Грција, со цел да се адресираат нивните потреби,и тие да се вклучат во квалитетна превентивна програма за скрининг на канцер на дојка и канцер на грло на матка. Раната детекција на овие болести овозможува поставување рана дијагноза и навремен и ефикасен третман, што во крајна линија има за цел намалување на стапката на морбидитетот и морталитетот предизвикани од овие болести кај наведената популација, велат од Министерството за здравство.