Со цел да се подигне свесноста за квалитетот на воздухот во нашата земја, „Еко-свест“ и Амбасадата на Кралството на Шведска од денеска до 15 октомври ќе изберат најдобра фотографија на тема „50 нијанси воздух“.
-На фотографијата треба да биде прикажано Вашето доживување на квалитетот на воздухот кој го дишете, негативните страни на загадениот воздух, но и позитивен пример за тоа како Вие го решавате проблемот со аерозагадување и влијаете за негово намалување, се вели во повикот.
Сите заинтересирани можат да испратат фотографија која најдобро ја прикажува состојбата со квалитетот на воздухот во нашето опкружување кои прикажуваат позитивни и негативни примери во околината.
– Урбаните средини стануваат сé понаселени, а со тоа и позагадени, со негативно влијание врз човековото здравје. Затоа, сите мора да покажат посветеност ваквата состојба да се промени, а градовите да се трансформираат во зелени, енергетски ефикасни, безбедни и здрави места за живот, на овие, и на следните генерации, велат од „Еко-свест“.
Сите фотографии кои ги исполнуваат критериумите, ќе бидат дел од патувачката фото-изложба која ќе може да се види во јавниот превоз во Скопје, а првонаградениот ќе добие прочистувач за воздух Blue Air. За второто место е обезбеден термос, планинарско ранче, фитнес маичка, а третонаградениот ќе добие планинарско ранче, маичка, торба за пазарење, ѕвонче за велосипед.
Во натпреварот можат да учествуваат полнолетни лица кои ги исполнуваат условите за учество во наградниот натпревар.
Сите детали и критериуми можат да се прочитаат на веб страницата на Еко-свест.