Во најголемиот пресврт досега во годинешниот НБА-плејоф, тимот на Денвер Нагетс вечерва успеа да ја стигне предноста на ЛА Клиперс од 19 поени и да триумфира во шестиот натпревар во серијата, израмнувајќи го резултатот во полуфиналето на Западната конференција на 3:3.
Никола Јокиќ повторно го предводеше Денвер до големиот камбек, а српскиот центар мечот го заврши со 34 поени, 14 скока и седум асистенции, на кои додаде и по една блокада и украдена топка.
Во еден момент во третата четвртина, се чинеше дека плејоф-надежите на Нагетс веќе беа завршени, откако при еден напад се повреди Џамал Мареј, а Пол Џорџ со тројка ѝ донесе предност на екипата на Клиперс од 19 поени – 68:49.
Мареј сепак го продолжи натпреварот, а од тој момент, фаворитот од Лос Анџелес како да запре, и до крајот можеше да се види неверојатна шутерска доминација на Денвер, која го запечати мечот.
Како илустрација за тоа колкав беше падот во играта на Клиперс, тимот во првата четвртина постигна 34 поени, а во целото второ полувреме – само 35, наспроти 64 на Денвер. Фактор во конечниот исход на средбата веројатно беше и неиграњето на Патрик Беверли во финишот на мечот – одличниот дефанзивец беше исклучен поради шест лични грешки рано во последната четвртина.
Кај Денвер, покрај Јокиќ, се истакнаа Мареј со 21 кош и Гери Херис, кој постигна 16 поени, вклучително и две тројки со кои конечно беше скршен отпорот на Клиперси во последниот дел.
Во поразениот тим, Пол Џорџ имаше 33 поени, Кавај Ленард 25, со осум скокови и пет асистенции, а Лу Вилијамс додаде 14 од клупата.
Ова е вторпат во овој плејоф како тимот на Денвер стигнува предност од 3:1 во серијата, а претходно успеа да ја елиминира Јута со 4:3, триумфирајќи на три средби по ред. Седмиот натпревар против Клиперс ќе му даде можност на аутсајдерот во оваа серија да стигне до финалето на конференцијата откако двапати губел со 3:1, што досега не му успеало на ниту еден тим во историјата на НБА.
Мајсторката е на програмата во среда рано наутро во 3:00 часот по наше време.