Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници„ најостро ја осудуваат изјавата на Митрополитот Петар, преку која повторно, во многу краток временски период, се повреди рамноправноста на жената и правото на избор да биде мајка и сопруга.
Од Комитетот нагласуваат дека подолг временски период жената во Македонија се претставува единствено во улога на мајка и сопруга, што претставува повреда на рамноправноста и директна дискриминација врз жената по основ на пол и род.
„Митрополитот Петар како причина за зголемениот број разводи во 2012 година ги посочи жените, наведувајќи дека не сакале да прифатат дека главата во куќата е мажот и жените треба да бидат подвластени на мажот. Истиот изјави дека жените или ќе ја спасат или ќе ја уништат македонската нација и црквата зошто она што ќе се зачне во утробите на мајките треба да се роди ако сакаме да опстоиме како нација, народ, држава и како црква. Со ваквата изјава се врши директна повреда на член 9 од Уставот на Република Македонија во кој е утврдено дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, член 25 со кој се гарантира почитување и заштита на приватноста на личниот и семејниот живот на секој граѓанин, на неговото достоинство и угледот, член 41 во кој е утврдено правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца, потоа на одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, одредбите од Законот за еднакви можности на мажите и жените“, се вели во писмената реакција на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од таму нагласуваат дека „со делот од изјавата, преку кој жената е претставена како единствен спасител на нацијата, народот, државата и црквата, се повредува и секуларноста на државата од црквата, односно се повредува и Амандманот VII на член 19 од Уставот на Република Македонија, во кој е утврдено дека црквите, верските заедници и други религиозни групи се одвоени од државата“.
„Поради повреда на основниот принцип на рамноправност на жената и правото на избор и слободно планирање на семејството, бараме Комисијата за заштита од дискриминација и правниот застапник при нееднаков третман на жените и мажите, како дел од Министерството за труд и социјална политика, да поведат постапка за утврдување на дискриминација врз основа на пол и род, сторена од страна на Митрополитот Петар“, се нагласува во реакцијата.