Музејот на Зигмунд Фројд во Лондон бара средства за реставрација на каучот од кабинетот каде тој ги примал пациентите.
За реставрацијата потребни се пет илјади фунти, односно 7,7 илјади американски долари.
-Ова е веројатно најпознатото парче на мебел во светот … Познатите пациенти, лежејќи на тој кауч и раскажувајќи за своите психолошки проблеми му помогнале на Фројд да ја формулира теоријата на психоанализата – наведено е во „The Guardian“.
Фамозниот кауч му го подарила богата пациентка Мадам Бенвенисти од Виена во 1890 година. Во 1938 година Фројд, спасувајќи се пред нацистичката закана, се преселил во Лондон и го донел со себе, како што тој велел, тој „исклучително удобен” кауч. Тој останал во кабинетот на Фројд во лондонскиот кварт Хампстед и по смртта на научникот во 1939 година од рак. Во куќата до 1982 година живееше неговата ќерка Ана Фројд која ја одржувала библиотеката и личните предмети на психијатарот. Куќата сега е претворена во музеј.