На „Велешко културно лето 2020“ вечерва Велешка поетска вечер

Од:

Традиционалната Велешка поетска вечер која ја организира Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ под покровителство на Општина Велес, ќе се одржи вечерва во 19 часот во Ликовниот салон во Велес.

Поетската манифестација годинава е дел од програмата на „Велешко културно лето 2020“, а освен велешките учество ќе земат и поети од Струмица,,Скопје, Кочани, Битола и од Прилеп.

Инаку на програмата синоќа беше одржан Етно концертот „Гајди и кавали“ на Оркестарот за народна музика „Зора“ од Велес. Оркестарот е дел од Балканскиот музички центар-Македонија со седиште во Велес формиран во 2014 година кој има и работи со повеќе свои секции.

Тие успешно се претставија со „Музички еталони на народната музика“ – концерт за камерен оркестар на народни инструменти во состав:гајда, кавали, тамбури, бас и тапан, а ги изведоа „Штипска крстачка“, „Шопско одено оро“, „Сл’нце слега да зајде“, „Малешевка“„Јанино оро“, „Одено оро“,„Поле широко,думај ми гукај галабе“, „Чучук“ „ Пиринско“, Поступано“, „Девојче,девојче црвено јаболче-Јано Јанке Кумановке, и „Зелениковка“.

За својата изведба беа наградени со долг и силен аплауз од велешката публика.

Како што изјави за МИА,Филип Арилон член и раководител на оркестарот, оркестарот ја негува македонската традиционална музика.

-Ја изведуваме македонската традиционална музика, но ја пакуваме во едно посовремено музичко четиво, значи даваме една современа музичка форма. Секако, треба да знаеме дека живееме во 21 век, а со тоа да воведеме едно современо читање на преживувањето на народната музика, потенцира Арилон.

Ова е нивен трет настап пред домашната велешка публика, а досега успешно настапувале на Фестивалот во Долнени каде имаат освоено Гран при на фестивалот, како и настапи во повеќе градови и на фестивали во соседна Србија.

Би можело да ве интересира

Изложба на дела во Неготино од ликовни уметници од Здружението „Роднокрајци“

Промовиран преводот на македонски јазик на црковнословенскиот „Часослов“ од Јаков од Камена Река

Изложба на Стефан Анчевски насловена „„преВРЗИНО“

„Ние, луѓето“-премиера

Kонцерт на Џез триото АУМ

Битолскиот театар гостува на фестивал во Врање