Денеска се одбележуваат деветнаесет години од нападот врз конвојот на АРМ во кој беа убиени десет воени резервисти кај месноста Карпалак, на патот Скопје – Тетово.
На 8 август 2001 година 10 резервисти беа убиени, а тројца ранети кога конвој од хермелин, два автобуса, камион и комбе од Прилепската касарна одел кон Тетово. Кај месноста Карпалак конвојот бил начекан во терористичка заседа во 9:30 часот и врз него бил отворен жесток оган од тешки митралези и рачни ракетни фрлачи. Едно транспортно возило било погодено со ракетен фрлач, при што загинале осум војници и двајца офицери, сите од резервниот состав. Со ракетен фрлач бил погоден и еден од автобусите. Борбите за извлекување на преживеаните 108 луѓе траеле повеќе часови. Конвојот одел кон Тетово, Еребино, за да изврши смена на силите и да однесе дополнителна опрема за војската која била сместена таму.
Беа убиени Сашо Китаноски (39) од Прилеп, Марко Деспотоски (27) од Новоселани, Прилепско, Нане Наумоски (48) од Прилеп, Љубе Грујоски (31) од Пашино Рувци, Прилепско, Бранко Секулоски (42) од Прилеп, Дарко Вељаноски (27) од Ропотово, Прилепско, Горан Миноски (29) од Прилеп, Пеце Секулоски (29) од Бело Поле, Прилепско, Веби Рушидоски (26) од Прилеп и Ердован Шабаноски (20) од Прилеп.
Одбележувањето на годишнината почна вчера со положување цвеќе пред спомен-обележјето во кругот на касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп.
Командантот на касарната „Мирче Ацев“, потполковник Ѓорги Василевски посочи дека во македонската историја има горди синови кои без двоумење се отповикале на повикот за нејзина одбрана.
„Богатството на тие луѓе, е во нивниот дух и верба за слобода, но и во стремежот да се создаде подобро и попросперитетно утре за нашите деца и сите идни генерации. И илинденците и асномците и бранителите се длабоко врежани во духот на нашето опстојување и битие, па затоа си го обезбедија своето место горе во висините. И по 19 години, не бледнеат сеќавањата на вас. Од Карпалак се преселивте во вечноста и никој нека не помислува дека овие луѓе застанаа таму каде што загинаа, се впишаа во бесмртните. Ќе сведочат и убедуваат дека слободата е многу скапа и затоа се брани секој ден, постојано, а ние вашите браќа по оружје ќе продолжиме да го гарантираме мирот и безбедноста на секој македонски граѓанин и во овие услови во борба со пандемијата Ковид-19. И ќе победиме за вас и за нас и за сите идни генерации. Вечна ви слава јунаци. Почивајте во мир“, кажа потполковник Василевски.
Бројни делегации, бранители и претставници на дипломатскиот кор денеска ќе ја посетат локацијата на трагичниот настан кај месноста Карпалак, каде ќе положат цвеќе пред спомен плочата.
Делегација предводена од градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, ќе ги посети гробовите на загинатите бранители, чествувањето ќе продолжи со панихида во црквата „Св. Петка“ во населбата Точила, а за во 12 часот е предвиден централниот настан пред комплексот „Карпалак“ во центарот на градот.