НУ Центар за култура-Битола, домаќин и организатор на Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ подготвени се за одбележување на златниот јубилеј, 50 години од првото фестивалско издание.
На прес конференција во Битола, директорката на Центар за култура, Маја Андоновска Илијевски истакна дека концептот на годинешниот фестивал е креиран според безбедносните мерки за заштита од Ковид-19 и најголем дел од манифестациите кои почнуваат утревечер ќе бидат онлајн реализирани.
-Културата е силно погодена од пандемијата што ја предизвика Ковид-19 и тоа ги спречи нашите амбициозни програмски планови за јубилејното 50 издание на фестивалот. Но, ние сметаме дека културата не може и не треба да биде на респиратор особено не, се додека има уметници, ние одлучивме да ја продолжиме традицијата која кога било и најтешко, таа успевала и преживеала. Годинава поголем акцент ќе ставиме на песната, имаме богата програма која ќе се реализира на неколку локации со културни настани, а секако ќе реализираме онлајн промоции и работилници, посочи Андоновска Илијевски.
Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ нема да почне со традиционалното дефиле по Широк Сокак, туку со изложба на фотографии за животот на традицијата „50 години ЦИОФФ“ која утревечер ќе биде отворена во Битола.
-Првиот фестивал на народни песни и игри во Битола се одржал во 1947 година, а потоа од непознати причини не се одржува. На иницијатива на културни работници од градот и државата, музичко сценската дејност се возобновува со одлуката од 1971 година да се одржи првото издание на фестивалот „Илинденски денови“ како репрезентивна сцена за изворен и автентичен фолклор, потсети м-р Валентин Соклевки, етнолог-истражувач и долгогодишен селектор на фестивалот во Битола.
Републичкиот фестивал на народни игри и песни „Илинденски денови“ се одржува со поддршка на Министерството за култура и Општина Битола, а под покровителство на Собрание на Република Северна Македонија.