Престојот во парковите и другите зелени оази, како и зголемувањето на нивниот број во градовите може да го подобри вашето здравје и квалитетот на животот.
Студијата објавена во списанието „Псајхолоџикал Сајнс“, која е изработена на британскиот Универзитет во Ексетер покажа дека секоја урбана средина би требало да има што е можно повеќе зелени површини. Доколку подолгу престојувате на такви места ќе го поправите квалитетот на вашиот живот.
Во текот на истражувањето научниците го следеле движењето на пет илјади домаќинства и десет илјади возрасни лица во период од 1991 до 2008 година. Испитаниците давале информации за своето психолошко здравје. Информациите, кои ги добиле научниците, ги користеле во проценка на влијанието на зеленилото врз промената на животот на луѓето.
Мејту Вајт со своите колеги од Европскиот центар за околина и човечко здравје откри дека луѓето пријавуваат помалку ментални проблеми и се позадоволни со своите животи, доколку живеат во подрачјето со повеќе зеленило. Исто така проверката на промените на испитаниците на работа, во приходите, брачниот статус, физичкото здравје и начинот на живеење го потврдија позитивното влијание на зеленилото врз човекот.
– Откривме дека животот во урбаните средини со голема количина на зелени површини може да има позитивно влијание на здравјето, рече Вајт.