Граѓанскиот сектор во културата ги повика политичките партии да ги поддржат барањата на овој сектор, претставуван од асоцијации, иницијативи, платформи, организации и поединци. Велат дека со поддршката, тие ќе покажуваат дека културата треба да биде еден од клучните столбови во демократизацијата и европеизацијата на општеството.
– Бараме современа, жива и слободна култура, култура која нема да создава поделби, да поттикнува нетрпеливост или пак дискриминација по која било основа.Сакаме СЛОБОДНА КУЛТУРА за слободно општество, велат од Граѓанската иницијатива „Култура е насловна страна на секое општество“.
Нивните барања се гласање на Законот за јавен интерес во културата, спроведување на националната Стратегија за развој на културата за периодот 2018-2022 година и Планот за развој на стратешки планови за одредени дејности, формирање на фондација за поддршка на вонинституционалната културна сцена, по примерот на Фондацијата култура нова од Хрватска, како и поддршка за формирање на нови институции по принципот цивилно-јавно партнерство.
Се бара и ревитализација на напуштените објекти во нови простори за работа на слободните уметници и културни работници, формирање на Институт за култура и културни политики кој ќе се занимава со неопходни истражувања кои недостасуваат во поддршка на културната и уметничката сцена, вработувања на нови кадри соодветни за новите наставни програми, како и трансформација на кадровските политики со што ќе се овозможи вработување на непартиски, туку на професионални кадри на раководните места во институциите на културата.