Италијанскиот фриленсер фотограф, Фабио Бучарели, кој работи за агенцијата Франс прес, ја освои престижната награда за своите потресни фотографии од војната во Сирија, пренесоа агенциите.
Бучарели ја доби наградата „Златен медал на Роберт Капа“, на церемонијата во хотелот „Мандарин ориентал“ во Њујорк.
Фотографиите, за кои беше награден фотографот, се од судирите во градот Алепо, а фоторепортажата е насловена „Битка до смрт“. „Златниот медал на Роберт Капа“ од 1955 година се доделува секоја година од страна на Прекуокеанскиот прес клуб на Америка.
Наградата е именувана според славниот американски фотограф од унгарско потекло. На церемонијата присуствуваше и Дајан Фоли, мајка на американскиот новинар Џејмс Фоли, кој исчезна без трага во Сирија во ноември минатата година.
Таа запали свеќа за сите убиени или исчезнати новинари во Сирија во 2012 година.