Советот на министри на Европската унија за јуни месец ја одложи одлуката за носење на заклучок дали да се прифати препораката на Европската комисија за одредување датум за почеток на пристапните преговори со Република Македонија.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, министрите за надворешни работи на земјите-членки на Унијата на денешниот состанок на Советот за општи работи (ГАК) во Луксембург речиси целото време го минаа во расправа за Повеќегодишната финансиска рамка (МФФ) за периодот 2014 – 2020 година, како и на, според нив историскиот договор меѓу Белград и Приштина.
Заменик-претседателот на Владата на Република Ирска и министер за надворешни работи Емон Гилмор, како претседавач со ГАК-от на заедничката прес-конференција по завршувањето на состанокот, посочи дека на шефовите на дипломатиите им биле презентирани вонредните извештаи на Комисијата за Македонија, Србија и Косово, но дека не е донесена никаква одлука или заклучок по однос на истите.
– Во однос на проширувањето, најголем дел од дискусијата зазема петочниот договор меѓу Србија и Косово што е историски момент не само за овие две земји, туку и за цела Европа. Утринава, комесарот за проширување Штефан Филе ги презентираше извештаите за Србија и Косово, но и за БЈР Македонија. Засега само ги разгледавме истите и предлозите на Комисијата, додека на следниот состанок на Советот за општи работи во јуни, пред Самитот на Европскиот совет, ќе ги донесеме потребните одлуки, потенцираше првиот човек на Ирското претседателство со ЕУ.
Тоа значи дека, како и пред декемврискиот Самит на Советот, министрите за надворешни рбаоти на Унијата ќе ги донесат заклучоците на два-три дена пред следниот Самит закажан за 28 јуни во Брисел. Дотогаш нема да се знае дали Македонија по пет едноподруго препораки од ЕК ќе добие датум за почеток на преговорите за членство, за разлика од Србија, која утринава ја доби првата таква препорака, а веќе се предвидува дека во јуни ќе добие датум за преговори.
Гилмор посочи на фактот дека до јунскиот ГАК, на пониско ниво (КОРЕПЕР група на амабсадори, н.з.) ќе се разговара за деталите во однос на земјите во фаза на пристапување кон ЕУ, но, дека дефинитивно на тој состанок ќе се донесат заклучоците во однос на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство.
Тој посочи дека министрите денеска констатирале дека Хрватска е подготвена на 1 јули оваа година и официјално да стане 28. земја-членка на ЕУ, со што, според ирскиот шеф на дипломатијата, ќе покаже дека Унијата е посветена на проширувањето и ќе даде позитивен пример за останатите земји од Западен Балкан.
– Се согласувам со ставот на министрите на денешниот состанок дека ова е историски ден и пресвртница за Србија и Косово, но и за целиот регион на Западен Балкан. Со петочниот договор, овие земји покажаа дека заслужуваат да бидат дел од ЕУ, посочи комесарот за проширување Штефан Филе, потенцирајќи дека сега сите очекувања се дека Белград и Приштина ќе ги исполнат задачите од договореното.
Иако избегна директно да одговори дали следно нешто што ќе треба да го направат Србија и Косово е меѓусебно да се признаат, комесарот Филе посочи дека до јунскиот Самит на ЕС ќе нема дополнителни услови за двете земји освен исполнување на договорот, но дека подоцна, во рамки на преговорите за членство (Србија) и за Договор за стабилизација и асоцијација (Косово), можно е да бидат вклучени и друг вид пораки, препораки, барања со цел дополнителна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.