Републикански сенатор од американската сојузна држава Охајо бил отпуштен од работа како лекар во служба за итни случаи, откако јавно прашал дали „Афроамериканците или обоената популација“ се повеќе погодени од коронавирусот бидејќи тие „не мијат раце како другите групи“.
Републиканецот Стив Хафман го поставил ова прашање за време на сослушување од областа на здравството за тоа дали расизмот треба да се прогласи за прашање од високо значење за јавното здравство.
„Дали е можно Афроамериканците или обоената популација да не ги мијат рацете како другите групи? Или не носат маски? Или не одржуваат физичка дистанца? Може ли тоа да биде објаснување зошто таа популација почесто се заразува од коронавирусот?“, прашал Хафман.
Тој подоцна се извини, велејќи дека „за жал го поставил прашањето на ненамерно невнимателен начин, што е сфатено како говор на омраза“, а тоа било, како што рече, токму спротивното.
Компанијата ТимХелт (TeamHealth) го отпушти од позиција лекар во одделот за итни случаи.
Сенаторот, одговорен за округот Дејтон, е под притисок да се повлече и од таа функција и поради тоа што Афроамериканците ги опиша како „обоени“.