Здружението за социјални иноваци „АРНО“ денеска на онлај настан ќе ги прогласи победниците од националниот натпревар „Зелени идеи“ 2020, што се одржува шеста година по ред.
Поради КОВИД-19 и во интерес на општото здравје и безбедност, сите заинтересирани може да го проследат церемонијалниот дел и прогласувањето на победниците на следниот линк.
Досега нашата земја има регионални победници и вкупна инвестиција од 60.000 долари за развој на зелени бизниси во земјата.
– Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова -„СПИН“ (2016), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017), зелениот бизнис „Грин меџик продакшн“ кој спроведува едукација преку илузионистички еко-пораки (2017), и минатогодишните победници „Био смарт ориз“ –производство на ориз на одржлив начин (2019) и „Challenger“- мобилна апликација која ги наградува граѓаните кои собираат велосипедски и испешачени зелени километри (2019), информираат од „АРНО“.
Натпреварот „Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и зелени, одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, С. Македонија, Црна Гора , Србија ,Босна и Херцеговина и Грција. Победниците на националните натпревари, по три од секоја земја, се натпреваруваат на регионален натпревар за награди во вредност од 5.000 или 10.000 долари, што се одржува од 2012-та година во рамки на програмата за Западен Балкан финансирана од фондот на браќата Рокфелер (САД).