Повеќе од 100 апликации од млади уметници од Скопје пристигнале на јавниот повик што го објави Град Скопје, заедно со градските културни институции, за финансирање проекти од областа на културата – „Култура во време на корона“.
Од Град Скопје денеска информираа дека во 18 часот на покривот на Домот на градежници ќе се одржи првиот концерт од оваа програма. Младиот скопски музичар и некогашен фронтмен на бендот „The John”, Lepi Xhoni, ќе одржи едночасовен соло концерт за станарите од Градски ѕид, а концертот ќе биде стриман на фејсбук страницата на Град Скопје https://www.facebook.com/
Пред два дена, Градот Скопје заедно со градските културни институции објави и јавен повик за финансирање проекти како дел од кризните мерки „Култура во време на корона“. Целта е да се поддржат невработените уметници, односно оние кои ги загубиле своите редовни приходи во овој период, но и да се доближи културата до сечиј дом. Заинтересираните уметници може да се пријавуваат на https://mkc.mk/vesti/grsk_
Со овој повик ќе се поддржат маалски изведби и виртуелни изложби, претстави, перформанси, концерти и работилници за деца во времетраење до два часа.
Сите учесници ќе добиваат еднаков солидарен хонорар во нето износ од 14.500 денари. Повикот ќе трае до завршувањето на вонредната ситуација.