Турција се промовира како еден од најзначајните американски партнери, со најавата дека премиерот Реџет Тајип Ердоган во средината на мај ќе допатува во Вашингтон на средба со претседателот Барак Обама.
Американскиот државен секретар Џон Кери од вчера е во посета на Турција, негова втора во рок од само пет недели.
Како што јави дописникот на МИА од Вашингтон, Турција е засега најголемиот надворешно-политички успех на претседателот Обама во неговиот втор мандат. На 23 март, за време на неговата посета на Израел, Обама издејствува директен телефонски разговор на Ердоган со израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху, на која двете земји договорија нормализирање на односите.
За време на разговорот, Нетанијаху се извини за нападот на израелските командоси врз турскиот брод „Мави Мармара“ во 2010 година, кога беа убиени осум турски државјани и еден Американец кои се обидуваа да ја пробијат израелската морска блокада на палестинската област Газа.
Се очекува процесот на помирување меѓу двете земји кои се едни од водечките американски сојузници во регионот, започнат во март, да продолжи при посетата на Ердоган на Вашингтон.
Турскиот премиер, покрај израелското извинување, бара и отстранување на блокадата на Газа, нешто што Израел го одбива поради честите ракетни напади.
Ердоган, пак, даде помирливо објаснување за неговата изјава дадена на конференција на Обединетите нации во Виена, во која го спореди ционистичкото движење за создавање на државата Израел со фашизмот, како и антисемитизмот и исламофобијата. Овој коментар длабоко ги навреди Израелците.
Кери, по престојот во Истанбул, денес треба да ја продолжи посетата до Ерусалим.
Освен односите со Израел, водечка тема на средбата на Кери со турскиот колега Ахмет Давутоглу во Истанбул, како и на Обама и Ердоган во Вашингтон, се очекува да биде војната во Сирија.
САД и се благодарни на Турција за приемот на околу 400.000 бегалци од Сирија, сместени во кампови на истокот на земјата, како и низ семејства. Турција тука бара зголемување на меѓународната помош за бегалците, кои освен Турција, ги преплавија и соседните Либан, Јордан и Ирак. Турција воедно е главен политички центар за формирање на сириските опозициски групи кои се обидуваат да ги организираат деловите на Сирија кои се под нивна контрола.
САД и Турција, која е економска сила во подем, имаат годишна трговска размена од околу 20 милијарди долари, а Турција претставува и алтернативна линија за енергетско снабдување на Европа, подалеку од руската територија. Претседателот Обама минатата година, на прашање на новинарот Фарид Закараија со кои светски водачи има развиено најблиски, лични односи, го наведе Ердоган, заедно со премиерите на Британија, Германија, Индија и претседателот на Јужна Кореја.
– Токму овие врски на пријателство и доверба ни овозможија да развиеме блиски работни односи и да завршиме многу од поставените задачи, изјави Обама.