Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо денеска најави дека до летото ќе биде разработен планот за формирање единствен механизам за банкарска и финансиска контрола.
– Европската комисија на почетокот од летото ќе го претстави предлогот за создавање на единствен контролен механизам, посочи Барозо.
Тој во Виена по средбата со австрискиот канцелар Вернер Фајман истакна дека продолжува работата за формирање на банкарска унија и оти се утврдуваат дополнителните норми за финансиско регулирање и за ограничување на бонусите на банкарските службеници.
– Сега работиме врз заедничката архитектура на банкарската, економската и монетарна унија, која треба да превенира од повторување на кризните ситуации, како кипарската, истакна Барозо, додавајќи оти граѓаните на Европската унија во иднина не треба да преземаат ризици поврзани со банкарскиот систем и да претрпуваат штета.
Барозо изрази надеж дека договорот за финансиска помош на Кипар ќе и помогне на земјата да ја поврати финансиската стабилност, со што би се повратила довербата во цела еврозона.
– Европа треба да изработи комбиниран систем на одговорност и солидарност, наведе Барозо.