Претседателот на Владата на Р.С. Македонија, Оливер Спасовски го прими министерот за надворешни работи на Република Кипар, Никос Кристодулидес.
Премиерот на средбата, го истакна задоволството од неодамна воспоставените дипломатски односи со Република Кипар, и нагласи дека е од големо значење тоа што владите на двете земји се залагаат да се развие соработката во сите области од заемен интерес.
На средбата е посочено дека земјава е подготвена целосно да ги интензивира процесите за развој на добри пријателски и сеопфатни односи со Кипар, и во таа насока е првата иницијатива за потпишување на договор за ослободување од двојно оданочување помеѓу двете земји.
Премиерот Спасовски истакна дека посетата на министерот за надворешни работи на Кипар се совпаѓа со вчера објавениот извештај на Европската Комисија за напредокот на Северна Македонија, и дека тој извештај е признание и за земјите што цело време ја поддржуваа нашата земја во процесот за интеграција во ЕУ, меѓу кои е и Република Кипар.
Спасовски потенцираше дека извештајот на ЕК е охрабрувачки сигнал дека сите земји членки на ЕУ ќе постигнат согласност за позитивна одлука за отворање на преговори колку што е можно побргу како признание за реформите и за политичката одговорност на земјата да остане верна на европските вредности и на спроведувањето на договорот од Преспа и на договорот со Бугарија.
Министерот за надворешни работи на Кипар, Никос Кристодулидес на средбата изрази безрезервно уверување дека неговата земја, како и до сега, ќе го поддржи донесувањето на одлука за старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија и заради фактот на одржување на континуитетот на реформските процеси и за доследно спроведување на договорите со Грција и Бугарија.