Хелсиншки: Годинава евидентирани се 8 случаи на насилство врз ЛГБТИ популацијата

Од:

(Интегрален транскрипт од извештај на Хелсиншки Комитет за правата на ЛГБТИ популацијата)

Во однос на правната рамка и дејствувањето на државните институции од аспект на ЛГБТИ прашањата мора да се истакне после подолго време е воспоставена комуникација меѓу ЛГБТИ организација и државна институција, односно започнувањето на комуникацијата меѓу ЛГБТИ Центарот и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Р.М. со Министерството за надворешни работи на Република Македонија (МНР), а која се однесува на спроведувањето на Препораката CM/Rec(2010)5 на Комитетот на Министри на Советото на Европа. Правната рамка не забележа промени кои се од значење за статусот на ЛГБТИ луѓето во државата.

Најголема промена која се случи во однос на ЛГБТИ луѓето во месец февруари е заживувањето на ЛГБТИ Центарот за поддршка, каде сѐ повеќе луѓе доаѓаат заради помош или едноставно социјализација. После тројната промоција во ЛГБТИ Центарот за подршка која се случи на 14 Февруари, се зголеми посетеноста на Центарот од страна на ЛГБТИ луѓето, како и заинтересираноста за работата на Центарот од страна на генералната популација. Промоцијата на интернет страницата, Публикацијата за родители и семејства и Кварталениот Извештај за правата на ЛГБТИ луѓето, привлече доста внимание и доби голема посетеност, при што секојдневието на Центарот доби поголема динамика. За жал во медиумите настанот беше многу малку медиумски покриен, што најмногу се должи на разгорената политичка криза во држвата во тој момент.

Секако потребата од ЛГБТИ Центарот за поддршка се чувствува најмногу токму заради минималното или никакво ангажирање на државните институции, националните медиуми, како и заради појавата на конкретни случаи каде што е потребна некаква интервенција или поддршка.

ЗАСТАПУВАЊЕ И ЛОБИРАЊЕ

Во текот на месец февруари ЛГБТИ Центарот за поддршка и Хелсиншкиот Комитет за човекови права на Р.М. имаше средба во Министерството за надворешни работи (МНР) а во однос на Извештајот за спроведувањето на Препораката CM/Rec(2010)5 на Комитетот на Министри на Советото на Европа (СоЕ). Во средината на месец март Комитетот на Министри при СоЕ ќе прави разгледување на спроведувањето на Препораката од страна на државите членки и за таа цел испрати Прашалник до сите за активностите кои ги презеле државите. На состанокот беше потенцирана важноста Република Македонија да се најде во клубот на европски држави кои одговориле на Прашалникот, како и можноста за соработка и меѓусебна помош во однос на Препораката, помош околу одговарањето на Прашалникот, како и за понатамошните активности за спроведување на Препораката. МНР успеа да одговори во дадената временска рамка на Прашалникот и со нив очекуваме суштинска соработка во следниот период. Извештајот за спроведувањето на Препораката на СоЕ, ЛГБТИ Центарот и Хелсиншкиот Комитет го изработија во соработка ИЛГА Европа, а во директна комуникација со државните институции надлежни за поедините области. Публикацијата со Извештајот ќе биде промоврирана во следниот период.

При посетата на Република Македонија, Известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент г-н Ричард Ховит имаше средба со Програмскиот Директор на ЛГБТИ Центарот за поддршка. Беа разменети мислења околу статусот на ЛГБТИ луѓето во Република Македонија, а беше и договорена поблиска соработка во иднина, од аспект на статусот на ЛГБТИ луѓето и евро-интеграцискиот процес низ кој минува нашата држава. Во Предлогот на Резолуцијата за Република Македонија која во следниот период треба да биде финализирана и изгласана во Европскиот Парламент, г-н Ховит го поздравува отварањето на ЛГБТИ Центарот за подрршка, искажувајќи поддршка за ЛГБТИ заедницата.

СЛУЧАИ НА ДИСКРИМИНАЦИЈА И НАСИЛСТВО

Во месец февруари претставници на Центарот посетија групи во градовите надвор од Скопје, поради потребната интервенција во случајот на млада девојка која поради својата сексуална ориентација беше жртва на семејно насилство. Освен психичкото и физичкото насилство, девојката беше оставена на улица без никаква финансиска помош за завршување на задолжителното образование.

Центарот интервенираше како медиатор меѓу девојката и Центарот за социјална работа каде што случајот беше прифатен и е сеуште во процес. Повторна интервенција следуваше од страна на Центарот во средното училиште каде жртвата е запишана, поради отсранување на препреките, кои имајќи ја предвид ситуацијата во која се најде оваа млада лезбијка, ѝ се отежнуваше пристапот и завршување на задолжителното средно образование. Добивме пријава за уште еден случај на семејно насилство поради сексуална ориентација, кој жртвата го пријави во полиција, но брзо потоа жртвата се откажа од продолжување со процесот поради смирување на домашната ситуација. Во најкраткиот месец од годината се среќаваме со интервенции во два случаи на насилство поради сексуална ориентација, додека во цели 5 месеци работа на центарот беа пријавени дури 8 евидентирани случаи на насилство кои препознаваат омраза врз ЛГБТИ популацијата.

Ова покажува дека мора да се реагира на национално ниво со зајакнување на правната заштита на жртвите на семејно насилство по основ на сексуална ориентација и родов идентитет, покренување на кампања за намалување на насилството воопшто предизвикано од омраза поради сексуална ориентација или родов идентитет, со посебен акцент на семејното насилство. Исто така очекуваме институциите на државата да преземат нешто во врска со обучувањето и сензибилизирањето на тематата на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, на сите оние кои работат во органи и институции за превенција и заштита од насилство . ЛГБТИ Центарот за поддршка стои на располагање за развивање на соодветни курикулуми во оваа смисла.

Насилството се случува, додека поради немање на пракса во системот и институциите се остава простор за селективен пристап што ја намалува заштитата за жртвите од насилство.

МЕДИУМИТЕ И ЛГБТ ЗАЕДНИЦАТА

Генерален заклучок е дека националните медиуми не посветуваат внимание на статусот и прашањата со кои се соочуваат ЛГБТИ луѓето во Република Македонија. Во месец февруари известувањето на медиумите најчесто е неутрално и најмногу се пренесуваат вести од странство. Содржината на вестите во најголем број е негативна и се однесува на тоа во кои земји најмалку се почитуваат ЛГБТИ правата, во кои земји е најтешко да се биде геј, најнепосакувани туристички дестинации за ЛГБТИ зедницата, со акцент на ситуацијата со забраната на “геј пропагандата” во Русија. http://www.mkd.mk/svet/vesti/lavrov-zabranata-na-gej-propagandata-go-shtiti-malcinstvoto-od-mnozinstvoto).

Најголем број од вестите објавени во февруари поврзани со ЛГБТИ заедницата се оние за анкетата спроведена од страна на Галуп во САД врз 200.000 испитаници на кои им е поставено прашањето дали себеси се сметаат за припадници на ЛГБТИ заедницата. Иако најголем број од медиумите ја имаат пренесено веста неутрално, со конкретни податоци и непристрасно, има и такви кои во известувањето пристапуваат со доза на сензационализам (http://off.net.mk/zhivot-i-zabava/ljubov-i-seks/i-galup-sit-i-homoseksualcite-na-broj).

Најмногу вестите поврзани со ЛГБТИ заедницата во Македонија ги објавуваат интернет порталите и најчесто се неутрални и се однесуваат на случувања организирани од страна на НВО како на пример тројната промоција во ЛГБТИ Центарот за поддршка и посетата на холандската амбасадорка Мариет Шурман (http://www.radiomof.mk/trojna-promotsija-vo-lgbti-tsentarot-za-poddrshka/), промоцијата на публикацијата Медиуми, говорот наомраза и маргинализираните заедници проследени со интервјуа на релевантни личности кои работат во доменот на човековите права (http://www.radiomof.mk/mediumite-polni-so-govor-na-omraza-kon- marginaliziranite-grupi/), како и оние за „првата геј парада“ во Македонија (http://www.skopjeinfo.mk/gradot/600733951/potvrdeno-bo-skopje-ke-se-оrganizira-gej-parada). Неколку медиуми имаат известено за уназадувањето на ЛГБТИ правата во Македонија, заедно со веста за листата на 500те највлијателни геј луѓе восветот, на која се наоѓаат и двајца Македонци

(http://novatv.mk/index.php?navig=8&vest=432&cat=16).

ГРУПИ ЗА ПОДДРШКА

Лезбејско-феминистичка група за поддршка

Лезбејско-феминистичката група за поддршка (ЛезФем) одржа вкупно три средби во текот на месец февруари. Првата средба беше одржана со неформалната група Бори се женски и на неа се разгледуваа опциите за здружување во заедничка акција по повод 8ми март. Беа дадени почетните идеи. На втората средба, девојките од ЛезФем работеа на визуелниот идентитет на групата, т.е. на името и логото на групата, како и за активности кои би следеле по 8ми март. На третата средба, ЛезФем заедно со Бори се женски разговараа за планираниот настан по повод 8мимарт, т.е. акцијата посветена на жените борки од минатото, при што се концентрираа на техничките детали.

Група за поддршка на трансродови лица

Групата за поддршка на трансродови лица одржа средба во првата половина на февруари. На средбата беше одржана проекција, дискусија, како и стручни консултации со медицинските лица кои беа присутни. Беше прикажана телевизиска емисија во која гостуваше искусниот медицински тим од Белград, кој работи со трансродови лица. По проекцијата следеше дискусија, при што присутните, меѓу кои имаше и сосема нови членови, можеа да добијат поддршка и одговори на прашањата кои ги засегаат. Терминот резервиран за стручните лица започна подоцна, со пристигнувањето на шест психолози, меѓу кои имаше две лица кои не присуствувале на средбите претходно, што покажа дека стручниот тим има тенденција на раст. На стручните лица им беа поделени информативни и видео материјали. Беа дадени неколку предлози кои ќе бидат спроведени чекор по чекор, а до следната средба се планира да се заврши преводот на важен меѓународен документ кој ќе ја постави основата и рамката на здравствената заштита за транс луѓето во Р. Македонија.

Група за поддршка на родители, семејства и пријатели на ЛГБТИ луѓе

Групата за поддршка на родители, семејства и пријатели на ЛГБТИ луѓе беше основана на 14ти февруари, на денот на официјалната промоција на прирачникот за родители, семејства и пријатели на ЛГБТИ луѓе, насловен „Нашите синови и ќерки“. Една мајка пред присутните го претстави прирачникот, истовремено поврзувајќи го и со сопственото искуство, а воедно ја најави и првата средба на оваа група, која се одржа следниот ден. Присутните родители на состанокот следниот ден имаа долг и исцрпен разговор на темата која ги поврзува и за поддршката која можат едни на други да си ја дадат. Оттогаш се во постојан телефонски контакт, а во меѓувреме кај други родители од неколку градови во Македонија расте интересот за добивање поддршка во рамките на оваа група.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска