Во Велес во спортската сала „Гемиџии“на 15 март ќе се одржи Меѓународен турнир во мешани боречки спортови (ММА), на кој ќе учествуваат 40 борци од повеќе држави од Балканот, а ќе се натпреваруваат во 20 борби. Судиите кои ќе водат грижа за правилата на ММА турнирот се дел од Светската федерација на мешани боречки спортови (WMO).
Како што информира за МИА Верица Тодоровска Дацева од Општина Велес, по тој повод вчера градоначалникот Аце Коцевски остварил работна средба со Валдет Бајрами, претседател и Томислав Белиќ, заменик претседател на „Волвс Арена“, а на која разговарале за подготовките на претстојниот голем меѓународен ММА турнир во Велес.
Турнирот е поддржан од Општина Велес и од општествено одговорни компании од градот и државата, а покрај интернационалните учесници, учество ќе земат и неколку велешани.
Инаку, лани вакви меѓународни турнири во мешани боречки спортови ММА беа одржани и во Кичево и во Гостивар.